“Фер избори – можности за помалите заедници“ е проект спроведуван од Институт за социјална правда. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.
Проектот „Фер избори – можности за помалите заедници“ има за цел да придонесе кон демократизација на изборниот процес во Република Северна Македонија, со фокус на локалните избори во 2025 година. Главната цел е да се подобри транспарентноста, инклузивноста и отчетноста на изборите преку намалување на изборните манипулации и зајакнување на изборните права на помалите заедници и ранливите групи, особено Ромите и Власите.
Проектот е дизајниран да се реализира во текот на девет месеци, на територијата на пет општини: Тетово, Шуто Оризари, Куманово, Штип и Битола. Преку четири фокусирани фази, проектот ќе обезбеди директна поддршка, едукација и правна заштита за над 1000 граѓани, со посебен акцент на оние кои традиционално се маргинализирани во изборниот процес.
Во рамки на Фаза 1, ќе се спроведат кампањи за информирање на гласачите. Активностите ќе вклучуваат подготовка и дистрибуција на едукативни материјали, организирање јавни дебати и информативни сесии, како и користење на дигитални алатки и социјални медиуми за проширување на досегот. Целта е да се зголеми информираноста кај граѓаните за нивните изборни права, со посебен фокус на помалите заедници и ранливите групи.
Фаза 2 предвидува зајакнување на изборниот мониторинг преку регрутирање и обука на 20 изборни набљудувачи. Тие ќе бидат обучени за следење на изборниот процес, идентификување нерегуларности и подготовка на извештаи кои ќе служат како основа за институционални препораки.
Во Фаза 3, ќе се формираат две правни советувалишта во избрани општини, со цел да се обезбеди правна поддршка за граѓаните, особено за припадниците на помалите заедници. Советувалиштата ќе функционираат како достапни и доверливи точки за правна помош, пријавување нерегуларности и заштита на изборните права.
Фаза 4 е насочена кон подобрување на медиумската транспарентност. Ќе се спроведе мониторинг на медиумското известување за изборите, со цел идентификување на дезинформации и промовирање на објективно и етичко новинарство. Ќе се подготват медиумски извештаи кои ќе ги евидентираат клучните наративи, пристрасности и влијанија врз јавното мислење.
Очекуваните резултати од проектот вклучуваат: зголемена информираност кај граѓаните од помалите заедници, зајакнат мониторинг на изборниот процес, функционални правни механизми за заштита на изборните права и подобрена транспарентност на медиумското известување. Со буџет од 553.050,00 денари, проектот има потенцијал да воспостави модел за фер и инклузивни избори, кој може да се реплицира и во други општини и изборни циклуси.
„Фер избори – можности за помалите заедници“ е проект спроведуван од Институт за социјална правда. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на документот е единствена одговорност на спроведувачите на проектот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.